Винодонија 2024: Едукативни работилници за сите љубители на виното

Винскиот салон „Винодонија 2024“, кој ќе се одржи на 13-ти(петок) и 14-ти(сабота) декември во хотел „Мериот“, и оваа година нуди извонредна можност за сите љубители на виното да учествуваат во едукативни активности кои ќе го збогатат нивното знаење и љубов кон виното. Програмата вклучува седум ексклузивни мастер класи и работилници, водени од реномирани домашни и светски експерти, кои на посетителите ќе им понудат уникатно винско доживување.

Во петок, на 13 декември, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со магичниот свет на пенливите вина преку работилницата „Во светот на меурчињата“. Оваа традиционална едукативна сесија, водена од сомелиеротАлександар Вучковски, ќе ги води учесниците низ историјата, производството и разновидноста на пенливите вина, со дегустација на неколку одлични примероци.

Истиот ден, љубителите на ризлинг ќе имаат шанса да учествуваат на мастер класот „Ризлинг – сорта за префинети и долговечни вина“. Оваа работилница, водена од проф. д-р Климе Белески и сомелиерот Александар Вучковски, нуди можност да се истражи оваа благородна сорта и нејзините карактеристики преку дегустација на шест различни примероци од различни региони.

Advertisements

 

Посебно внимание привлекува и ексклузивната дегустација „Во долината на винската среќа – Дегустација на вина од северна Рона, Франција“. Преку оваа работилница, сомелиерот Александар Миливојевиќ ќе ги запознае учесниците со винските бисери на северна Рона, еден од водечките вински региони во Франција. Ќе се дегустираат врвни вина на познатата винарија PaulJaboulet Aîné, кои ќе ги одведат посетителите на незаборавно патување низ прекрасните ридови и лозја на Рона.

Во сабота, на 14 декември, програмата продолжува со уникатното бесплатно едукативно предавање „Вино и срце“, каде д-р Емилија Лазарова од Универзитетската клиника за кардиологија ќе зборува за врската меѓу умереното консумирање на виното и здравјето на кардиоваскуларниот систем.

 

Истиот ден, љубителите на интернационалните вински култури ќе имаат можност да ја истражат винската традиција на Унгарија преку работилницата „Запознај ја винска Унгарија“. Под водство на винскиот едукатор Јожеф Кризманич, учесниците ќе се запознаат со унгарските вински региони, сорти и историја, дополнети со дегустација на внимателно селектирани вина.

 

За љубителите на иновациите, работилницата „Враќање во иднината – новоформирани вински сорти од Србија“ ќе биде вистински предизвик. Наталија Кењериќ, српски сомелиер, ќе ги претстави уникатните српски сорти како Сила, Неопланта и Пробус, преку дегустација на вина кои носат нова перспектива за регионалната винска иднина.

Врв на саботната програма е ексклузивната „Голема вертикална дегустација на Merlot Single Vineyard на винарија Камник“. Сандра Георгиевска и Јане Неданоски ќе ги поведат учесниците на патување низ времето, со дегустација на различни берби од ова наградувано вино, отворајќи прозорец во архива на оваа македонска винска институција.

Винодонија 2024 нуди единствена можност за винските љубители да уживаат во едукативни и интерактивни сесии, кои не само што ќе го збогатат нивното знаење, туку и ќе го направат нивното винско искуство незаборавно.

Картите за Скопски вински салон – Винодонија 2024 се во ограничен број, и истите може да се купат однапред ОНЛАЈН ( https://vinodonia.mk/shop/ ) по цена од 1000 денари за секој ден посебно, а еден мал дел ќе може да се купат и на самиот влез пред почетокот на настанот, но по цена од 1.200 денари.