Замина легендата на The Pointer Sisters – Анита не успеа да се избори со тешката болест

Една од членките на легендарната поп група The Pointer Sisters, почина во саботата на 74-годишна возраст од рак.

Анита Поинтер почина во својот дом во Беверли Хилс опкружена со своето семејство, објави нејзиниот публицист Роџер Нил.

Две години претходно, нејзината сестра Бони почина на 69-годишна возраст.

Advertisements

Сестрите Поинтер се најпознати по нивните хитови I’m So Excited и Jump (For My Love). Тие освоија три музички награди Греми, вклучително и една за песната Fairytale од 1975 година, напишана од Бони и Анита, а подоцна снимена од Елвис Присли.

Анита беше втората најстара од четирите сестри кои почнаа да настапуваат во 1969 година како дуото Џун и Бони. Потоа им се придружила Анита, откако ја напуштила работата како секретарка, и на крајот Рут, која е единствената од нејзините сестри сè уште жива, заедно со нејзините браќа Фриц и Арон.

Бони ја напушти групата во 1977 година за да продолжи со соло кариера обележана со успехот на хитот од 1978 година Heaven Must Have Sent You. Во последниве години, групата продолжи да настапува, а ќерката Иса и внуката Садако пееја заедно со Рут.