24 министри уживаат на грбот на 540.000 работници – генерален штрајк ако нема минималец од 600 евра

Сојузот на синдикати на Македонија остава простор до крајот на февруари Владата и работодавачите да се изјаснат за зголемувањето на минималната плата на 600 евра и на другите плати за најмалку 6 илјади денари.

Ако не се најде решение,кон средината на март најавуваат голем работнички протест и генерален штрајк, но и таргетирани протести во градовите во земјава.

Ова денес беше соопштено на протестот и блокадата што ги организира ССМ пред Владата, кој е трет во низата, откако претходно истото беше сторено со Собранието и Стопанската комора.

„Денеска дојдовме тројца луѓе повеќе, 24, затоа што 24 министри во владата уживаат на грбот на 540 илјади работници“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов порачувајќи и на Владата на денешната седница да предложат измени и дополнувања на Законот за минимална плата со цел минималната плата да се зголеми на 600 евра и да се зголемат сите останати плати за разликата од претходната минимална плата до новата или за најмалку 6.000 денари.

Тој повтори дека се на улица во волкав број затоа што Законот за јавни собири предвидува дека 21 човек е доволно за да им „прават проблем на функционерите и на газдите“ и дека се повеќе од доволно „да ги нервираат како што и тие ги нервираат работниците две години“.