Буџетот на МВР за зголемува за 6%, идната година ќе има за трошење 182,7 милиони евра

Премиерот Димитар Ковачевски и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција го презентираа Предлог-буџетот на МВР за 2023 година, кој ќе се зголеми за 6% идната година и ќе изнесува 182,7 милиони евра.

Зголемените финансиски средства, како што беше најавено, воглавно ќе се насочат кон модернизација, професионализација и подобри услови за работа на полицијата во интерес на граѓаните, мирот и стабилноста во државата.

Advertisements

„Како Влада создаваме ефикасна, одговорна и модерна полиција, чувар на редот и законот и чувар на демократијата, затоа и годинава што е пред нас, без разлика на предизвиците кои ги наметнува енергетската и економската криза, нема да запреме со редовна исплата на плати и бонуси на полицајците, со купување нова опрема, нови средства за работа, а ќе продолжат и инвестициите во реновирање и реконструкција на објектите каде работат полициските службеници и останатите служби на МВР“, рече премиерот Ковачевски.

Тој истакна дека во три наврати досега по 5% се зголемени платите на сите вработени во МВР, а покрај редовната исплата на плати, редовно се исплаќаат и предвидените додатоци.

„И во овој Предлог-буџет е планирана ставка за исплата на бонус плати за 2022 година, за остварени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво. Владата реши еден голем проблем кој што беше и на штета на буџетот и на штета полицајците. Со години наназад на полициските службеници, бонус платите не им се исплаќаа, за што тие со право поднесуваа тужби за остварување на своите права, а државата од буџетот плаќаше отштета“, рече премиерот Ковачевски, информирајќи дека досега се исплатени заостанатите неисплатени бонус плати за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година.

Ковачевски истакна дека во Предлог-буџетот на МВР за 2023, издвоени се средства за обуки и едукации на полицијата и стручни усовршувања во земјата и во странство.

„Морам да истакнам дека особено е важно што МВР е отворена за нови сили на млади кадри кои секако ќе придонесат за понатамошен развој на професионалниот интегритет на полицијата. Затоа новите кандидати за полицајци, се трудиме уште на почетокот да ги направиме мотивирани, во Предлог-буџетот предвидени се средства за набавка на нови униформи за новите кадети за полициски службеници“, рече Ковачевски.

Тој истакан дека во новиот буџет се обезбедени и средства за набавка на нов најсовремен систем за идентификација на траги од папиларни линии од прсти и дланки со кој ќе се надгради ефикасноста на Одделот за криминалистичко технички испитувања и вештачења, дигитализација на форензика, надградба на безбедносни системи со кои превентивно ќе се делува на одржувањето на јавниот ред и мир во државата, како и заштита на животот и личната сигурност и имотот на граѓаните.

„Сето тоа ќе влијае на намалување на криминалитетот, а зголемување на ефикасноста на истрагите за повеќе видови на сообраќајни прекршоци, но тоа ќе значи и модерна, опремена, стручна и ефикасна полиција“, рече премиерот Ковачевски.