Сопственикот и извршен директор на производителот на електрични автомобили „Тесла“, Илон Маск од понеделник до среда продаде пакет од 22 милиони акции на оваа компанија за околу 3,6 милијарди долари.
Од почетокот на годината, Маск продаде вкупно 94,2 милиони акции на „Тесла“ за околу 22,93 милијарди долари.
Тој продаде добар дел од акциите откако објави дека ќе го преземе „Твитер“, што го направи во октомври за 44 милијарди долари.
Откако го презеде „Твитер“, Маск ги информираше вработените во компанијата дека ги продава акциите на „Тесла“ за да ја спаси компанијата.
Цената на акциите на „Тесла“ паѓа од почетокот на годината, а вчера завршија на ниво од 156,8 долари, што е за 55 отсто помалку од почетокот на 2022 година.
Пазарната капитализација на „Тесла“ на тој начин падна на 495 милијарди долари.