Германскиот Бундестаг доцна синоќа ја усвои резолуцијата за поддршка на Македонија на патот кон членство во ЕУ, но за време на расправата резолуцијата беше изложена на остри критики од опозициските партии, вклучувајќи ја и ЦДУ, објави „Дојче Веле“.
Во текстот на резолуцијата се вели дека германскиот Бундестаг ги признава македонската култура, идентитет и јазик, а во препораките се бара од германската влада да ја повика Бугарија да го поддржи патот на Северна Македонија кон ЕУ во рамките на постигнатиот компромис и да се воздржи од дополнителни услови.
„Со оваа резолуција им оддаваме длабока почит на македонскиот идентитет, јазик, култура и историја“, кажа пред германските пратеници државната министерка во германското МНР, Ана Лирман.
Таа истовремено најави дека наскоро повторно, по четврти пат во последната година, ќе дојде во Скопје заедно со нејзините колеги од Франција и Полска во обид да се охрабрат уставните измени.
Од опозициската ЦДУ и сестринската ЦСУ кажаа дека се против резолуцијата затоа што владејачкото мнозинство ја издвојува Северна Македонија од останатите држави од регионот.
Социјалдемократот Јосип Јуратовиќ одговори на критиките од опозицијата со став дека секоја земја кандидат за членство во ЕУ секогаш се вреднувала поединечно, а не во група.
„ЕУ процесот е регата, и се вреднуваат индивидуалните постигнувања. Не може последниот да го чека првиот. Денеска се работи за искрената политика на проширување на ЕУ. Северна Македонија е кандидат од 2005 и сега е време. Сакаме сега да ја охрабриме Македонија со оваа резолуција. Македонската култура ќе ја збогати ЕУ“,кажа Јуратовиќ, кој побара од ЦДУ поддршка и влијание врз нивната сестринска партија ВМРО-ДПМНЕ за уставните измени.