Бугарите да го признаат македонското малцинство, со уцени не се менува Устав – Павле Трајанов е за предвремени избори

Лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов во вечерашното гостување на ТВ 24 изјави дека за неговата партија приоритет се измени на Изборниот законик, додека предвремени избори се прифатливи, но само доколку партиите излезат со дефиниран став за уставните измени.

Трајанов вели дека прво треба да се донесат измените на Изборниот законик, кои ќе создадат еднакви услови за политички натпревар.

– Таму се потребни коренити промени, не може во изборниот законик да имаат системска предност четири политички партии, времето за реклама, средства и така натаму. Прво, закон за една изборна единица, решенија коишто ќе создадат еднакви услови за политички натпревар, после тоа избори, што значи менувањето на Уставот би го оставиле после предвремени парламентарни избори, рече тој.

Advertisements

Според него, доколку сакаме процесот за евроинтеграција да се движи брзо, треба прво да се одржат избори.

– Доколку сакаат да се движи тој процес позабрзано, нека се одржат избори и после тоа нека се направи широка коалициска влада, и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, и другите политички партии, вклучително албанските политички партии соодветно нека бидат застапени, како и сите етнички заедници во владата, и таа влада и тој новоизбран парламент, нека го забрза процесот за евроинтеграцијата, ако одлучи да го менува Уставот нека го менува, рече Трајанов.

Според него, ниту една коалиција не е направена и ниту една политичка партија во својата стратегија за избори немала наведено дека ќе го менува повторно Уставот без каков било реципроцитет од страна на Бугарија.

– Немам никаков проблем Бугарија да биде дел од Уставот, но, нека направат мал чекор Бугарите, нека го признаат македонското национално малцинство, тогаш мислам дека ќе имаме образ да ги менуваме работите, а не вака како што се поставени, под уцени и диктат, смета тој.