Денес се прославува Илинден – Денот на Републиката, кој е еден од најголемите македонски државни празници.
Денот на Републиката се прославува во знак на сеќавање на два големи настани кои се случиле на овој датум, и со кои се удрени темелите на македонската државност: Илинденското востание од 1903 година во текот на кое била прогласена Крушевската република и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година, во текот на Втората светска војна, на коe се поставени основите на денешна Република Македонија.
Прогласен е за државен празник уште на Првото заседание на АСНОМ во 1944.
Во Крушево веќе почна чествувањето на 121 година од Илинденското востание и Крушевската Република.
Денеска е и голем православен празник кога се слави пророкот Свети Илија. Светиот пророк Илија живеел 900 години пред Исус Христос, роден е во 816 година пред новата ера.
Празнувањето на Илинден годинава е под слоганот „Борбата трае“ со што, како што велат од Владата, сакаат да ја пренесат пораката дека стремежот за напредок, слобода и благосостојба на нашата држава продолжува, потпирајќи се на историските основи и борбата на нашите предци.
Во чест на Денот на Републиката, делегации на Владата, Собранието и на Претседателот ќе го чествуваат празникот преку голем број свечености.
Премиерот Христијан Мицкоски одбележувањето на Илинден ќе го почне со положување на свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, на споменикот „Слива“, како и на Мечкин Камен каде во 13:30 часот ќе го има своето обраќање.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прво ќе биде во Пелинце каде што во 10 часот ќе положи свежо цвеќе пред меморијалниот центар АСНОМ по што ќе има обраќање, а ќе ја посети и спомен-собата во Меморијалниот центар.
Во рамки на чествувањето на Пелинце ќе настапи ансамблот за народни игри и песни „Танец”.
Од таму Сиљановска-Давкова ќе замине за манастирот „Свети Прохор Пчински“ каде ќе биде пречекана од нејзиниот српски колега Александар Вучиќ.
Во Крушево, делегација од Кабинетот на претседателот ќе положи цвеќе на гробот на Никола Карев, пред споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен.
Во Скопје, одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што претседателот на Собранието, Африм Гаши, ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на претседателот на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто.
Потоа Гаши ќе има обраќање на манифестацијата што по овој повод ќе се одржи пред зградата на Собранието.