Совет на јавните обвинители даде позитивно мислење за четворица од петте пријавени кандидати за државен јавен обвинител. Поддршка добија в.д. обвинителката Анита Тополова-Исајловска, обвинителките Ленче Ристовска и Лидија Раичевиќ, како и судијата Ненад Савевски.
За Владимир Панчевски едногласно е утврдено дека не ги исполнува условите во однос на потребниот работен стаж.
Претседателот на Советот, Башким Бесими, изјави дека одлуката е донесена врз основа на законските критериуми, оценувајќи дека кандидатите ги исполнуваат условите и поседуваат долгогодишно искуство во обвинителството и судството.
Во однос на забелешките дека Раичевиќ во претходен избор добила негативно мислење, Бесими посочи дека станува збор за одлука на поранешен состав и дека актуелниот Совет извршил ново разгледување. Тој додаде дека интервјуа не биле организирани бидејќи не се законска обврска, а членовите веќе ги познаваат кандидатите.
Постапката започна со оглас што го распиша Собрание на 12 јануари. Согласно законската процедура, Владата по добивањето на мислењето од Советот ќе предложи еден од кандидатите со позитивна оценка до Собранието, кое го врши конечниот избор.

