Демократски сојуз излегува од владината коалиција, ќе делува како опозиција

Претседателството и Централниот совет на Демократскиот сојуз на денешните седници по сеопфатна расправа заклучија дека програмските приоритети на Демократскиот сојуз усогласени со СДСМ пред парламентарните избори во јули 2020 година, како и во декември 2021 година пред формирањето на Владата со актуелниот состав, не се имплементирани, соопштуваат од партијата и информираат дека оддлучиле да не ја поддржат реконструкцијата на Владата и нема да бидат дел од парламентарното мнозинство.

„Се работи за коренити промени на изборните правила, преку укинување на системските предности за четири партии (две од власта и две од опозицијата), како и клучната промена Македонија да биде една изборна единица. Потоа, за борбата против корупцијата преку департизација на институциите кои работат на откривање на криминалот и донесување Закон за борба против тешките облици на организиран криминал и висока корупција, реформа во правосудниот систем преку ревизија на работата на судиите и донесување Закон за преиспитување на факти и докази користени во судска постапка (преиспитување на монтираните полициско-судски процеси). Меѓу приоритетите се и донесување закон за формирање Фонд за младите од 2% од Буџетот, како и вработување на сите студенти по дипломирањето во јавниот или во приватниот сектор на година дена со просечна плата остварена во претходната година и други“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.

Од партијата додаваат дека општинските организации имале и сериозни забелешки на соработката со СДСМ на локално ниво.

Advertisements

„Демократскиот сојуз и понатаму ќе иницира и поддржува реформи поврзани со евроинтеграциските процеси, со започнатиот скрининг процес, како и со законите кои се во интерес на граѓаните и на државата.Инаку, Демократскиот сојуз е против најавите за наводен фронт, сојуз за Европа и поделба на граѓаните и партиите кои се „за“ а кои се „против“ ЕУ, поради тоа што и Демократскиот сојуз, но и сите партии и граѓани се за Македонија што побрзо да стане полноправна членка на ЕУ“, велат од партијата на Павле Трајанов.