Двајца македонски ученици повредени во земјотресот во Турција

Девет македонски државјани, осум ученици и нивен метор-наставник, се наоѓаат во градот Кахраман Мараш кој беше погоден од силниот земјотрес, од нив двајца ученици се здобиле со повреди, информираат од МНР, од каде додаваат дека повредените не се во животна опасност.

„Нашите претставништва обезбедија информации и стапија во контакт со деветте наши државјани кои се наоѓаат во загрозениот регион. Се работи за осум ученици и нивен ментор/наставник, кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваат во Република Турција. Како последица од земјотресот, двајца од учениците се здобиле со телесни повреди: едниот ученик е со потешки повреди – скршеница на која во моментов работат медицински лица и е во фаза на санирање – додека вториот ученик е со полесни повреди. Ниту еден од учениците и менторот не е во животна опасност“, информираат од МНР.

Во МНР досега нема информација за други наши државјани кои се наоѓаат во загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција, при што од министерството велат дека претставништва на државата остануваат во континуирана комуникација како со надлежните институции на Турција и со наши граѓани кои се информираат и кои информираат за состојбите на терен.

Advertisements

Од МНР соопштуваат дека преку своите Амбасадата во Анкара и генералниот конзулат во Истанбул внимателно ја следи ситуацијата во југоисточна Турција по силниот земјотрес рано изутринава, и во континуитет известува за состојбата во загрозените подрачја .

МНР посочува дека информациите од теренот упатуваат за исклучително силен земјотрес со големи последици по животите на луѓето затекнати во погодениот регион, голем број жртви кои надминуваат неколку стотици граѓани, голем број повредени лица како и сериозна материјална штета која ја отежнува состојбата на терен.

По инструкција на МНР, дипломат од Амбасадата во Анкара е веќе упатен во регионот за да помогне во евакуацијата на учениците од градот Кахраман Мараш, како и да обезбеди информација и присуство директно на терен во најзагрозените делови за евентуални дополнителни интервенции.

„Ја користиме приликата уште еднаш да посочиме дека нашите дипломатски претставништва во Турција се на 24-часовно располагање за сите евентуални прашања, на телефонските броеви: +905394569710 во Анкара, +905456149777 во Истанбул, и + СОС телефонот на МНР во Скопје 38975273732“, соопштуваат од МНР.