Финансиски криенки за политичко влијание на Русија – 6 милијарди долари илегално се слеале во Македонија

Во периодот од 2000 до 2020 година 6 милијарди долари руски пари преку илегални канали и прикриено влегле во Македонија, тврди Центарот за проучување на демократијата од Софија, кој ја објави својата најнова анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва.

Според оценките изнесени во анализата Македонија последните години е изложена на многу силно руско пропагандно влијание, а тоа е поддржано со илегални руски пари внесени преку политички партии, социјални групи и влијателни поединци, преку кои Москва се обидува да влијае и на политичките одлуки во државата.

„Југоисточна Европа останува еден од најранливите региони во тековната хибридна војна на Кремљ против Европската унија и демократскиот Запад. Главните фактори зад оваа ранливост се заробеништвото на државата и медиумите, нерешените внатрешни и меѓудржавни етнички конфликти и наследените проруски предрасуди“, се вели во анализата.

Advertisements

Центарот за проучување на демократијата од Софија оценува дека незаконското финансирање и дезинформациите се две од најмоќните алатки кои Кремљ ги користи за да ги поткопа демократските процеси во Југоисточна Европа, со што го олеснува и влијанието на Кина и другите авторитарни држави.

Континуираните разидувања меѓу земјите во регионот, како што се споровите меѓу Србија и Косово и помеѓу Бугарија и Северна Македонија, се вели во анализата, „обезбедуваат дополнителни можности за авторитарно мешање во регионот од страна на Русија и други актери.“