Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски соопшти дека се воведува нов правилник и ценовник на општинското Јавно претпријатие за паркинзи, со што треба да се воспостави поголем ред на условите за паркирање, но и да се обезбеди фер пристап за сите жители.
Во синоќешното гостување на ТВ Сител посочи дека Центар е најфреквентната општина во државата, со голем број возила што секојдневно транзитираат низ нејзината територија, но и со сериозен притисок врз паркинг-просторот од самите жители.
„Недозволиво е во еден стан да има три или четири автомобили и потоа да се чудиме зошто нема место за паркирање пред домот. Првото возило за жителите на Општина Центар останува бесплатно, но второто се наплаќа, а третото возило се смета за луксуз. Нема доволно паркинг места за три или четири автомобили по стан“, рече тој.
Според него, новиот правилник е изработен врз основа на детална анализа која траела година и половина, спроведена од ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со општината, како и врз основа на бројни средби со граѓаните.
„Имаме речиси 15. 800 издадени одобренија, односно налепници, а околу 6 100 паркинг места. Тоа јасно покажува дека системот мора да се уреди“, вели Герасимовски.


