СДСМ: Нема пари за референдум, а има за криминални тендери и авион

СДСМ преку соопштение обвини дека Владата предводена од Христијан Мицкоски признава дека нема финансиски средства за организирање референдум, додека истовремено, според партијата, троши пари за сомнителни тендери и луксузни набавки. Од партијата велат дека ова е уште една потврда дека во буџетот недостигаат средства и покрај секојдневното задолжување на државата.

„Има пари само за криминалната група ВМРО“, наведуваат од СДСМ.

Во соопштението СДСМ тврди дека постојат милионски тендери доделени на фирми блиски до власта, меѓу кои ги споменуваат компаниите „Мастеф“, „Пирамид Билдинг“ и „Ленди груп“, како и фирми поврзани со лица од владејачките структури.

Партијата обвинува дека има средства за, како што велат, „нов авион за Мицкоски да оди на море“, но нема за зголемување на платите, минимална плата од 600 евра, мерки за граѓаните и субвенции за земјоделците.

СДСМ порача дека граѓаните треба сами да одлучат за својата иднина и повторно побара распишување референдум.

„Граѓаните не сакаат да ја плаќаат цената на криминалот на Мицкоски и неговата банда. Граѓаните мора да ја земат одлуката за иднината во свои раце“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Advertisements