Опасен преседан и пракса, истражните органи не смееле да дозволат лицето да биде „евакуирано” во друга држава во текот на постапката за обезбедувањето на доказите и траењето на истражната постапка, коментира адвокатот и поранешен судија Владимир Туфегџиќ на Фејсбук, а во врска со инцидентот во Охрид каде беше претепан охриѓанецот Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, а потоа транспортиран на лекување во Бугарија.
Туфекџиќ во изјава за Телма објаснува дека истрагата за кафеанската тепачка која прерасна во дипломатски скандал е целосно компромитирана со изјавите што по немилиот настан ги дадоа политичарите во двете земји. Според адвокатот преседан е начинот на кој Пендиков е изнесен од државава во текот на истрагата.
Основното јавно обвинителство Охрид донесе наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен охриѓанец, осомничен за кривично дело – тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
„Факт е дека начинот на кој сето тоа е напаравено со целосно игнорирање на македонските правосудни органи е опасен преседан бидејќи се работи за активна истрага која веќе е компромитирана со политичките изјави на политичките чинители. На тој начин се отежнува работата на јавниот обвинител, вели Туфекџиќ за Телма.
Како што информираше Обвинителството, осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.
Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.
Се очекува утре министерот за надворешни работи Бујар Османи, заедно со неговиот бугарски колега да го посетат Пендиков кој беше претепан на 19 јануари во Охрид во болницата во Бугарија.