Избори во мај, без техничка влада – лидерот на ВМРО-ДПМНЕ со нов предлог до власта

ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен став и пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не излегоа на избори со ветување дека ќе преговараат дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин, туку ветуваа проекти за поквалитетен живот и затоа власта треба да се охрабри и да се оди на избори на кои сите партии ќе понудат решение за проблемот во кој ја втурнаа Македонија СДСМ и ДУИ, изјави лидерот Христијан Мицкоски за време на денешната посета на Велес.

Тој ја коментираше понудата на Артан Груби до опозицијата за изгласување уставните измени, а потоа да се оди на предвремени парламентарни избори.

„Тие предлози од владата на ДУИ поддржана од СДСМ сме ги слушале во минатото. Ќе потсетам, ВМРО-ДПМНЕ има принципиелен став и ќе го повторам уште еднаш јавно, ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во преговорите за таканаречениот француски предлог, јас на прес-конференција понудив ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од тие преговори, мислам дека беше април месец минатата година, истиот ден Ковачевски го одби тој предлог. Во јуни крајот, почетокот на јули кога ги правеа оние политички гимнастики, одбивме во Брисел, кажавме не, па потоа прифатија за една недела сѐ што им беше на маса ставено“, вели Мицкоски.

Advertisements

Тој потсети дека ја предупредиле власта да не презема обврски што нема да ја исполни.

„Но тие и покрај тоа ја втурнаа Македонија во една голема неизвесност и авантура прифаќајќи ја преговарачката рамка каде што билатералниот договор со соседна Бугарија е дел и тоа е единствен таков случај во историјата на ЕУ, мислејќи дека ќе се повторат некои минати искуства и дека на тој начин ќе добијат некои политички поени. Ги предупредивме дека нема да се повтори. Осум месеци потоа не убедуваа на отворена сцена, имале, немале, а гледаме дека немаат доволен број пратеници и нема да имаат, затоа што овие пратеници од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не излегоа на избори да ветуваат дека ќе преговараат дали Гоце Делчев бил Македонец или Бугарин, не ветуваа на избори дали Илинденското востание е македонско Илинденско или бугарско Преображенско. Овие луѓе ветуваа проекти, ветуваа поквалитетно образование, поквалитетно здравство, поквалитетна инфраструктура итн. Ние сакаме да покажеме дека не сме исти, дека стоиме до дадениот збор и тоа беше нашиот даден збор и од тука нема ни милиметар да се поместиме“, истакна Мицкоски.

Тој исто така упати и контрапредлог до власта да не ја мачат македонската јавност, да се охрабрат, па на предвремени избори сите политички партии да понудат решение за проблемот во кој што ја втурнаа Македонија.

„Факт е дека Македонија има проблем, факт е дека тој проблем владата на ДУИ поддржана од СДСМ го донесе, а потврда на тој факт е дека условно кажано најпроевропската влада во Македонија има најмала поддршка за членство на Македонија во ЕУ. Затоа јас имам контра предлог до нив, да не ја мачат македонската јавност, да престанат да крадат, да се охрабрат и ако мислат дека добро правеле изминативе години и изминативе месеци, еве во мај, не мора 100 дена техничка влада, еве и тоа им го овозможуваме, да одиме на избори и секоја политичка партија да понуди решение за проблемот во кој што ја втурнаа Македонија. Во спротивно само ја продолжуваат агонијата, Македонија ќе тоне и да тие ќе бидат побогати, но за жал еден ден тоа богатство од глава ќе им се удри“, додаде Мицкоски.