„Бумеранг“, ова е кодното име на кривично-правна операција на правниот тим на Бојан Јовановски – Боки 13 . Тоа денеска го најавија адвокатите на Јовановски по одлуката на првиот човек на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Ислам Абази да формира предмет и да го додели на надлежен обвинител за да го сослуша Јовановски. Тој е е осуден со правосилна одлука на судот на девет години затвор за случајот „Рекет“.
Според правниот ним станува збор за обемен материјал, со бројка како што велат, од 1.150.000 фајлови со податоци во кои се содржани аудио снимени разговори, транскрипти, пораки, остварени телефонски комуникации, видео и фотографски записи, т.н. „бомби”.
„Заради целисходност при постапување по предметот ќе биде потребно формирање на посебен тим за работа и процесуирање на кривичните пријави во согласност со реалните потреби за ефикасно и правилно постапување по предметот, за што ќе истакнеме посебно барање до јавниот обвинител“, се вели во соопштението на правниот тим на Јовановски.
Јовановски, се вели во соопштението, ќе ги поднесе пријавите и ќе ги предаде доказите на записник по претходно утврдени законски гаранции за заштита на неговиот физички и психички интегритет поради карактерот, сензитивноста и сериозноста на отпочнатиот процес со кодно име „Бумеранг”.