„Ќе ги бранам државните и национални интереси“ – Гордана Силјановска Давкова вети дека ќе биде претседателка на сите граѓани

Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии, изјави кандидатката за претседателка, Гордана Силјановска Давкова.

На вечерашната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Силјановска Давкова рече дека портите на, како што рече, „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.

– Она што го ветив во предизборната кампања, почнувајќи од народните канцеларии, преку обраќањата до Парламентот, преку личностите во Судскиот совет, Уставниот суд и Советот за безбедност, дека ќе ги вршам врз основа на стручност, компетентност и нема да ја заборавам разноликоста, рече таа.

Advertisements

Како што дополни, мора да се обидеме да ставиме крај на балканизацијата, да помагаме едни на други, да бидеме политичари.

– Затоа ние мораме да почнеме меѓусебе да се разбираме, да се помагаме, да не посегнуваме по вето, туку да посегаме по поддршка, рече таа, дополнувајќи дека нејзините патишта водат прво на Балканот, а, Брисел, како што дополни, е неизоставен.

Силјановска Давкова потенцираше дека ќе ги брани државните и националните интереси.

Првичните резултати што Државната изборна комисија ги објавува на својата веб-страница, покажуваат дека од обработени речиси 70 отсто од гласачките ливчиња, води кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 361.279 (64,30%), а Стево Пендаровски од СДСМ има 166.120 (29,57%)