Битиќи: Поднесувам оставка од функцијата потпретседател на СДСМ

„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата“, вели Фатмир Битиќи во видео објава на неговата Фејсбук страница, потретседател на СДСМ и ко-носител на листата за пратеници на Коалицијата за европска иднина во втората изборна единица.

Објавата на потпретседателот на СДСМ, следува по прес-конференцијата на претседателот на партијата Димитар Ковачевски, во која најавува дека оставката ќе ја ефектуира откако и останатото раководство ќе го направи истото.

Advertisements

„Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители – и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех. Упатувам апел дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ“, порачува Битиќи и нагласува дека прифаќањето на политичка одговорност не е знак на слабост, туку израз на лична и партиска зрелост, давање на приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции.

Тој повикува СДСМ да се врати повторно меѓу граѓаните, да го слушне нивниот пулс и да ги разбере нивните потреби, враќајќи се на социјалдемократски вредности.

„Само на овој начин може да дојдеме до нови идеи, пристапи и енергија кои може да ја зајакнат визијата и стратегијата на СДСМ па да се вратиме со крената глава во политичката арена за да ја добиеме битката за европска Македонија – ветување кое го дадовме на граѓаните и кое им должиме да го исполниме“, вели Битиќи и апелира ова да биде нов почеток на обединување на околу идејата на социјалдеморкатијата.