Кога би била на негово место, а верувам дека таа е логиката на самиот кандидат, би се потрудила максимално, кога ќе стапам на должност, да покажам дека навистина работам професионално.
Вака одговори директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска, во интервју за „360 степени“ на прашање на новинарот дали во држава во која довербата во судството и во обвинителството е исклучително ниска, кога ќе слушнете дека синот на претседателот на Собранието ќе биде јавен обвинител, тоа придонесува за зголемување на довербата или не.
„Од таа причина, мислам дека навистина треба на сите овие млади луѓе кои се среќни што завршиле и се среќни што сега ќе стапат на должност, да им дадеме шанса, да видиме дали тие ќе работат професионално. Зошто однапред да сметаме дека некој поради родителот или поради некоја друга причина нема да ја врши својата работа совесно“, одговори Габер-Дамјановска и предизвика бура од реакции од граѓаните на социјалните мрежи кои паметат дека претходно шанса доби ќерката на Џафери кога се вработи во ЕЛЕМ, на што во времето реагираше и Антикорупциската комисија.
Тогаш претседателката Билјана Ивановска изјави дека собранискиот претседател можел да изврши влијание бидејќи неговата позиција му обезбедува моќ којашто може да придонесе да влијае на луѓето коишто одлучуваат во ЕЛЕМ. Настрана што во случајот со синот на Џафери не станува збор за тоа дали е дете на функционер, туку за прекршување на процедури за кои треба некој да одговара.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски неодамна изјави дека правосудниот испит на синот на Талат Џафери, Барлет, кој го положил пред да заврши факултет, може да се поништи врз основа на членот 124 од Законот за општа управна постапка.
Ова, вели тој, е можно затоа што полагањето правосуден испит кај нас е управна постапка, која се поведува со поднесување барање на кандидатот до Министерството за правда и завршува со издавање Уверение за положен правосуден испит како управен акт издаден од министерот за правда. Така, што во случајов не станува збор за давање шанса некому, туку за барање одговорност.
Советот на јавни обвинители вчера донесе одлука да распише оглас за прием на 31 јавен обвинител, а меѓу 28-темина кандидати што може да конкурираат, најзвучното име е Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.