Партијата на пензионери ја поздрави новата Одлука на Владата со која им се наложува на производителите на леб да испорачуваат најмалку 80% од нивното производство според податоците од декември 2022 година.
Партија на пензионери (ПП) во својата реакција вечерва најостро го осудува „неодговорното, нехумано, монополско и себично однесување на некои од големите производители на леб во земјата, „кои како да се картел, три дена, со бојкот на производство, паушални и непоткрепени со факти образложенија ги лишија граѓаните од можноста да се снабдат со леб кој е од витално значење за огромен број на наши граѓани“.
Ваквото однесување ПП го доживува исклучиво како обид да се изврши притисок, со цел, да избегнат да ја применуваат Одлуката на Владата за ограничување на цената на лебот.
„За Партијата на пензионери со заканите, на неодговорните производители на леб, за поведување спорови пред надлежните судови во земјата за надомест на наводните загуби, како последица на примена на Одлуката за ограничување на цената на лебот, не само што се потврдува нивното монополско однесување, туку во најсоголена форма се покажува себичното залагање за неконтролирано остварување профит, дури и преку креирање криза со која се прави простор за остварување на други политички цели на некои политички субјекти во земјата“, велат од Партијата на пензионери.
Според оваа партија, со Одлуката на Владата за задолжително производство и дистрибуција на леб, се надминува оваа исконструирана криза на пазарот со леб, а тоа особено ќе им помогне на социјално загрозените и материјално посиромашните граѓани, во која група спаѓаат и голем број пензионери и возрасни граѓани.