Ковачевски: За инцидентот во Охрид виновни се и членови на ВМРО-ДПМНЕ

Има голем број информации дека настаните коишто се случија минатиот викенд и настаните коишто се случуваа претходно, се поврзани со членови и симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање за инцидентот во Охрид, во кој беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, како и другите провокации кои му претходеа.

“Затоа велам дека преку вакви активности нашата најголема опозициска партија се повеќе наликува на продолжена рака на Левица. Нам не ни треба тоа што тие го продаваат. Јас велам дека постојат два концепти. Едниот концепт е концептот за европска Македонија, вториот концепт е концепт на бесмислен национализам, којшто замина од оваа држава заедно со нивниот вистински лидер. Од друга страна, јас ќе дадам се од себе, ќе инсистирам на брза и ефикасна институционална реализација на секој чекор и денес и понатаму затоа што ние едноставно мора да се задржиме на нашиот европски пат и целосна интеграција на Северна Македонија во ЕУ заради сегашните и заради идните генерации“, рече Ковачевски.

Премиерот Ковачевски го осуди насилството во Охрид, повика на разумност и оцени дека инцидентот е обид за одвлекување на вниманието од европската иднина.

Advertisements

„Мора да останеме мирни и разумни, но не треба да бидеме наивни. Ова е класична дистракција, на еден навистина перфиден начин, како да се одвлече вниманието од нашата европска иднина. Сето ова што се случува има импликации затоа што ова не е натпревар, кога играат ‘Пелистер’ или ‘Вардар’, или пак, ‘МЗТ’ и ‘Работнички’. Ова е нашата иднина“, изјави премиерот Ковачевски.