Лукаревска: Јаневска ќе отпушта наставници

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, ја критикуваше Владата за предложените измени на законите за основно образование, оценувајќи дека наместо суштинска образовна реформа се спроведува нетранспарентен процес кој ќе предизвика отпуштања на наставници, затворање училишта и дополнителна неизвесност во образовниот систем.

Во собраниската расправа, Лукаревска истакна дека ветувањето за национална образовна стратегија донесена со широк консензус не е исполнето и дека измените се подготвени без јавна дебата, консултации со стручната јавност и вклучување на сите засегнати страни.

Според неа, најавената оптимизација ќе има сериозни последици, особено во руралните средини, каде што може да дојде до затворање или спојување на училишта, намалување на бројот на наставници и дополнително иселување на населението.

„Наместо технолошки вишок на наставниците, фокусот треба да биде ставен на модернизација, дигитализација и подобрување на квалитетот на наставата. Не смееме наставниците да ги делиме на подобни и неподобни и да решаваме човечки судбини“, порача Лукаревска.

Таа посочи и на, како што рече, контрадикторност во владините политики, наведувајќи дека додека во некои општини се најавува затворање паралелки и намалување на наставниот кадар, истовремено се планира изградба на ново училиште во Општина Карпош.

Лукаревска предупреди дека предвидениот едногодишен период за прераспределување на наставниците ќе создаде дополнителна несигурност кај образовниот кадар и побара процесот да биде транспарентен и во интерес на наставниците, учениците и родителите.

Advertisements