Македонија со 40 индексни поени се најде на 85. место во Извештајот за перцепцијата на корупцијата на Транспаренси Интернешнал (ТИ) за 2022 година, што е напредување за две позиции споредено со 2021 година, кога државата имаше 39 индексни поени и беше на 87. место. На скалата на индексирање „0“ означува најкорумпирана држава, а „100“ е најмалку корумпирана. Рангирани се 180 земји и територии низ целиот свет според перципцијата на граѓаните на корупција во јавниот сектор.
Во извештајот се образложува дека недостигот на интегритет при избор на клучни фигури во судството и неефикасното водење на тековните случаи против корупција ги поткопува напорите во вистинска насока на властите.
„Во Македонија се отвараат нови случаи на корупција, но овие чекори во правилна насока се загрозени од неефикасното проследување на веќе постоечките, и недостаток на интегритет во изборот на клучните функции во правосудството. За да се гарантира одговорност и да се демонстрира искрена волја за борба против корупцијата, владата мора да обезбеди соодветни ресурси и да ја гарантира независноста на Комисијата за спречување корупција, и другите институции одговорни за истражување корупција и организиран криминал“, се наведува во Извештајот.
Од регионот пред Македонија се Словенија (41), Грција (51), Хрватска (57), Црна Гора (65), Косово (84), а позади нас се Албанија и Србија (101).
Со ист број на индексни поени, друштво на Македонија и прават Суринам, Индија, Малдиви, Гвајана и Тунис.
Според Транспаренси Интернешнал најкорумпирани држави во светот се Сомалија(180), Сирија и Јужен Судан, а најмалку корумпирани држави се Данска(1), Финска и Нов Зеланд