Македонските здравствени работници во спасувачка мисија во Турција – досега се пријавиле 320 од различни медицински профили

Министерот за здравство, Беким Сали на Фејсбук објави дека вкупно 320 здравствени работници се пријавиле доброволно за да помогнат по катастрофалниот земјотрес во Турција.

„Ви благодариме за вашиот интерес да помогнете со последиците од земјотресот во Турција. Досега имаме добиено над 320 апликации од различни медицински профили.

Ве известуваме дека вашите податоци се примени и сега сте на прелиминарната листа. Кога ќе добиеме потврда од теренот дали и кога ќе бидете вклучени, ќе ве известиме во догледно време со дополнителни информации во врска со патувањето и сместувањето. Уште еднаш, ви благодариме за интересот и поддршката“, пишува министерот.

Advertisements

По разорните земјотреси во Турција, првиот со магнитуда на ударот од 7,9 степени а вториот со јачина од 7.5 степени според Рихтеровата скала, досега во регионот се регистрирани 648 последователни потреси.

Во спасувачките операции се ангажирани повеќе од 80.000 лица, а во погодените области се испратени повеќе од 5.000 тешки возила, главно багери, камиони, булдожери.