Премиерот Христијан Мицкоски во САД се сретнал со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот.
Тој беше и американскиот пратеник за дијалог меѓу Белград и Приштина за време на администрацијата на Доналд Трамп.
На средбата присуствувале и министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и за одбрана Владо Мисајловски.
„Плодна и пријателска вечера со Ричард Гренел, американски дипломат, поранешен директор на американската разузнавачка служба и добар познавач на состојбите на Балканот. Економија, енергетика и владеење на право, теми за продлабочување на соработката“, стои во објавата на македонскиот премиер.
Гренел е искусен дипломат, кој бил и вршител на должноста директор на националното разузнавање во Кабинетот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2020 година. Член е на Републиканската партија.
Гренел беше амбасадор на Соединетите Американски Држави во Германија од 2018 до 2020 година и специјален претседателски пратеник за мировните преговори на Србија и Косово од 2019 до 2021 година.
Познато е дека српскиот претседател Александар Вучиќ, го одликуваше Ричард Гренел, за неговата значајна улога во дијалогот меѓу Белград и Приштина. Тој доби орден на српско знаме од прв степен за истакнати заслуги во развојот и зајакнувањето на мирната соработка и пријателските односи меѓу Србија и САД.
Според Вучиќ, Гренел „не само што придонел за регионалниот мир и стабилност, туку одиграл клучна улога во зајакнувањето на врските меѓу САД и Србија“.
Гренел бил и портпарол на Стејт департментот за време на администрацијата на Џорџ Буш. По неговиот мандат во Стејт департментот, тој ја формираше Капитол Медиа Партнерс, а бил и соработник на Fox News.