Премиерот Христијан Мицкоски денеска пред почетокот на работниот дел на самитот Европска Унија – Западен Балкан во Тиват, даде детален пресек на неговите билатерални средби со европските лидери.
Тој потврди дека на состанокот со германскиот канцелар Фридрих Мерц станало збор за заедничкиот германско-француски предлог кој предвидува етапно интегрирање на регионот пред полноправно членство.
Имавме билатерална средба со канцеларот Мерц, разговаравме и на таа тема. Имаме ние свој инпут во сето тоа и свое мислење, што го пренесовме. Подетално ќе разговараме за време на работниот дел на самитот. Така што да бидеме трпеливи, сепак, ова се моменти кога практично ЕУ, односно Европскиот совет јасно кажува дека процесот на проширување останува жив, рече Мицкоски.
Првиот човек на Владата посочи дека клучниот фокус на извршната власт останува насочен кон зачувување на евроинтегративниот процес и напредувањето во реформите, но со заштита на државните позиции.
Наша цел е да станеме држава која испорачува најмогу реформи, истовремено да останеме фокусирани на проширувањето и да го сочуваме националното достоинство, рече Мицкоски.
Мицкоски изрази задоволство од дијалогот со Мерц, францускиот претседател Макрон и претседателката на ЕК, Фон дер Лајен, додавајќи дека на средбите биле отворени и прашањата за преземените обврски на претходната власт.
Јас сум исклучително задоволоен од состанокот со Мерц, како и од она што го разговаравме на состанокот со францускиот претседател (Емануел) Макрон на работната вечера, како и со претседателката на ЕК, Урсула Фон дер Лајен. Да, се разбира дека уставните измени што ги прифати претходната влада, беа тема на состаноците. Нашиот став е дека ние заслужуваме многу повеќе од просечни политички медиокритети, како што беше претходната влада да ни ја креираат европската судбина. Мислам дека голем дел од земјите членки на ЕУ тоа го разбираат. Процесот на проширување е жив и добро е што таа порака денеска лидерите на земји членки на ЕУ ја испраќаат, изјави премиерот Христијан Мицкоски.


