(Не)правична застапеност – Паѓа бројот на вработени Македонци во јавниот сектор, а расте на Албанците

Народниот правобранител Насер Зибери во Извештајот за следењето на примената на начелото за соодветна и правична застапеност на вработените во јавниот сектор за 2021 година кој го презентираше денеска нотира намалување на бројот на Македонците, а раст на застапеноста на Албанците во последниве 15 години.

Споредбено од 2007 година до 2021 година „застапеноста на Македонците во јавниот сектор од 83,72% во 2007 година, бележи намалување во 2021 година на 72,8%, што е збирно намалување за 10,92%, додека застапеноста на Албанците во јавниот сектор од 10,8% во 2007 година, сега е 20,6%, што претставува зголемување од 9,8%“.

„Констатација е дека речиси сите помалубројни заедници се застапени со речиси идентичен процент на вработени како и изминатите години, што значи дека институциите не ги почитуваат во целост препораките на Народниот правобранител, а со тоа и не ги спроведуваат одобрените годишни планови за вработување во кои е изразена етничката застапеност и спроведување на уставното начело на соодветна и правична застапеност“, изјави Зибери.

Advertisements

За изминатата година во јавниот сектор Турците биле застапени  со 2,0%, Ромите со 1,3%., Србите 1,4% и Власите со 0,7%.

Оние граѓани кои се декларирале како припадници на некоја друга етничка заедница која не е заведена во преамбулата на Уставот, застапени биле со 0,7% од вкупно вработените во јавниот сектор во 2021 година.

Според податоците за полова и образовна застапеност, годинава во субјектите на јавниот сектор имало 134.099 вработени лица на неопределено време, од кои 69.014 биле мажи (51,46%), додека 65.085 биле жени (48,54%).

Од вкупниот број вработени мажи и жени во јавниот сектор, 67.771 биле со високо образование, 3.886 со вишо образование, 51.491 со средно образование и 10.173 со основно образование.

Зибери се осврна и на состојбите во правосудството. Тој рече дека лично се сомнева дека има доволно спремност, капацитет и ресурси во надлежните институции да ја променат состојбата.

– Пред се мислам на Републичкиот судски совет и на Советот на јавни обвинители. Без некоја поактивна улога на сите сегменти на власта, тука мислам на Влада, Собранието, судството, тешко дека ќе има некое посериозно подобрување. Требаше да чекаме да ни сигнализираат, да ни упатуваат критики од страна на Амбасадата на САД,  на ЕУ, и тн., за да се освестиме, отрезниме, дека состојбата не е добра –  изјави Зибери, а во  врска со укинувањето на првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина“и за ниската доверба на граѓаните во правосудниот систем.

Тој наведе најголемиот број на претставки  оваа година до институцијата Народен правобранител доаѓале од областа на правосудството.