Разговори за Македонија и реформи во ООН – Срѓан Керим се сретна со Мауро Виеира, бразилскиот министер за надворешни работи

Срѓан Керим, претседател на 62-то Генерално собрание на ООН и поранешен македонски министер за надворешни работи, вчера во Загреб присуствуваше на прошталната вечера на амбасадорот на Федеративната Република Бразил во Република Хрватска, Мауро Виеира.

Амбасадорот Виеира досега беше бразилски амбасадор во Хрватска, а на 1 јануари новоизбраниот претседател Лула да Силва го именуваше за министер за надворешни работи на Бразил. На вечерата присуствуваа дваесетина истакнати општественици и дипломати од Хрватска и од регионот на Југоисточна Европа.

Министерот Виеира и д-р Керим, инаку долгогодишни пријатели, колеги и соработници, одржаа и кратка работна средба, во рамките на работната посета на бразилскиот МНР на Загреб.

Advertisements

„Во разговорот министерот Виеира се наврати на покренатите преговори за реформа на системот на Организацијата на Обединетите Нации, усвоени со Одлуката на Генералното собрание број 62/557, донесена за време на мандатот на д-р Срѓан Керим како претседател на ГС на ООН. Соговорниците разменија идеи околу актуелната состојба со реформата и зборуваа за престојниот состанок на Советот на претседателите на Генералното собрание на ООН, закажана за март во Бахреин“, се вели во соопштението по средбата.

Значаен дел од разговорот бил посветен на македонско-бразилските односи, а посебно на напорите за внесување на нова енергија во билатералните односи и за натамошната соработка на двете земји во мултилатералата.

Соговорниците, како што се вели, се согласија дека ќе го продолжат својот дијалог и во иднина, како и дека ќе работат заедно на изнаоѓање на форуми за дискусија во однос на прашањата поврзани со реформата на системот на ООН, климатските промени и глобалното владеење.