Обвинителот Елвин Вели се пожали – на своја кожа осетив што значи да си дете на судија

Кога синовите и ќерките на судиите и обвинителите ќе ги наследат своите родители, секаде тоа е убава традиција, а кај нас е непотизам, вели за „Детектор“, Елвин Вели, претседател на Здружението на обвинители.

Тој смета дека децата на правосудниот кадар не треба да бидат дискриминирани и треба да им се овозможи доколку сакаат да можат да станат дел од правосудниот систем, но како што вели, критериумите и правилата мора да бидат исти за сите.

„Јас сум дете на судија и тоа сум го почувствувал на своја кожа. Реално повеќе проблеми сум имал во работата поради тоа отколку придобивки. Секогаш се било со доза на резерва, да не речат заради ова, да не речат заради тоа. Јас сум имал прилика да работам и во суд и како самостоен адвокат и сега како обвинител, сум ги поминал сите делови и секаде било истото“, изјави Вели.

Advertisements

Според него сите треба да имаат исти критериуми за аплицирање и за влегување во правосудните институции.

„Видете, нормално е следејќи го мојот родител како судија цел живот да ме привлекува правото. Тој првично беше против да бидам правник, но ме остави. И сметам дека сите треба да имаме еднакви можности до делот на аплицирање и во дел на запишување и завршување конкретно сега во Академијата како единствен начин за влегување во правосудството, рече Вели за Детектор.