Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, наверојатно нема да стане амбасадор во Франција поради скандалот со државјанството на контроверзниот Олександар Онишченко.
На ваква претпоставка упатува вечерашниот одговор на претседателот Стево Пендаровски во „Само интервју“ на Канал 5 ТВ, кој на прашање на новинарот, прво објасни како тече постапката за избор на амбасадор и при тоа ги спомна и критиките што ги упатиле влијателни земји членки на НАТО и наши стратешки сојузници.
Еве што изјави вечерва Пендаровски за амбасадорското место во Франција.
„Постапката за именување амбасадор почнува преку Владата која ми предлага мене и јас давам првична согласност. Велам, „се согласувам со предлогот, можете да ја продолжите постапката“. Тие имаат понатаму подготовки, се бара агреман од државата каде треба да оди. На крајот кога ќе заврши се, Владата повторно ми пишува преку МНР и вели дека „се е завршено, сега треба да го упатите“. Вакво нешто, втор допис во кој Владата вели дека се е океј, и „ве молиме само да потпишете указ“, ми нема доставено затоа што од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра“.