Малолетна девојка осомничена за убиство на 16-годишното момче кое беше пронајдено во реката Пена

Јавното обвинителство информира дека 17-годишна малолетна девојка е осомничена за убиство на 16 годишното момче, кое вчера беше пронајдено мртво во реката Пена. Таа се сомничи дека со остар предмет го удрила момчето, по што го турнала во реката Пена.

„На 22.12.2022 во 14 часот во СВР Тетово бил извршен службен разговор со 17-годишна малолетничка од тетовско Рогле. Таа се сомничи дека со тврд предмет го нападнала 16-годишниот малолетник од с.Ново Село, општина Желино, кој вчера во 07.10 часот беше пронајден починат во водите на река Пена на патот кон место викано „Бањиче“ во Тетово“, се вели во соопштението од обвинителството.

Advertisements

Во врска со настанот, во присуство на родител, претставник од Центар за социјални работи, адвокат и медицинско лице бил извршен разговор и со 17-годишен малолетник од Тетово.

Оттаму појаснуваат како дошло до убиството на малолетното момче.

„По вербална расправија во автомобил кај местото викано Бањиче таа со остар предмет го удрила оштетениот во главата неколку пати, нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Потоа го турнала во реката Пена, а лицето било пронајдено починато по течението на реката“, велат од обвинителството.

Од Основното јавно обвинителство Тетово до надлежниот суд поднесено е барање за поведување подготвителна постапка против девојката за кои постои сомнение дека сторила кривични дело Убиство од член 123 став 1 од КЗ.