Османи: Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци e еден ист концепт

Министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи смета дека Европскиот фронт ја претставува мнозинската волја на Албанците, а не Вреди која освоила помалку гласови.

„ДУИ е во постојано заседание, емоциите кај албанскиот народ се веќе вжештени и ние повеќе се обидуваме да менаџираме и да контролираме, бидејќи има луѓе кои веќе чувствуваат дека нивниот глас е ништовен. Кој е критериумот за дефинирање на релевантноста? Кој одредува што е малку а што многу, ако не малцинство и мнозинство?“, прашува Османи во интервју за Канал 5.

Османи кажа дека Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е исто.

Advertisements

„Влада со нелегитимни Албанци и влада без Албанци е еден ист концепт. Јас ви велам – Милошевиќ го правеше тоа во Косово. Рахман Морина го стави претседател на Косово, а Албанците велеа – кој ти е овој?“, рече Османи.

Потпретседателот на ДУИ посочи дека при состав на влада, не може да функционира моделот на „преферирани Албанци“.