Пендаровски: Потребен е силен мониторинг и луѓе од Брисел кои ќе работат на ветинг

„Ако одиме во таа насока, јас сум за, тоа мора да го направиме под многу силен мониторинг на Брисел. Јас би сакал да видам луѓе од Брисел кои заедно со нас ќе го работат тој ветинг“, изјави претседателот Стево Пендаровски, во синоќешното гостување во емисијата „Патот кон“ Алсат М, прашан за процесот на ветинг.

Изразувајќи недоверба во делот на човечките капацитети во земјава за спроведување на процес на ветинг, претседателот Пендаровски истакна дека е добро со личен пример да покажеме нулта толеранција кон корупцијата.

„Секој од нас, од политичарите особено, после изјавата на американската амбасадорка дека дошол некој посебен тим кој ќе прибира информации, дава некави изјави, но еве прашувам кој ќе го спроведува? Кој орган? Дали е тоа истиот човечки материјал кој доведе до овие осум проценти доверба во правосудството? Подобро е со личен пример да покажеме дека сме насочени кон тоа да имаме нула толеранција кон корупцијата, први кај нас и во нашето непосредно опкружување“, рече Пендаровски.

Advertisements

Според него, правосудниот систем во земјава испорачува слаби резултати, но, како што укажува, не е само тој надлежен за борбата против корупцијата.

„Нашето однесување, на политичарите на локално и централно ниво во однос на непотизам, тендери, наддавање, е примарен генератор за корупцијата да биде на вакви размери“, рече Пендровски.