Пет лица сексуално злоупотребувале малолетно девојче од Велес – Со порнографски материјали ѝ се заканувале

Пет лица се под истрага за сторено кривично дело „трговија со дете“, осомничени за сексуално злоупотребување на малолетничка и изготвување на порнографски материјал, соопштија од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Од Обвинителството информираат дека постапувајќи по кривичната пријава на МВР, во текот на вчерашниот ден издале Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица од Велес и едно лице од Тетово, поради тоа што врз основа на прибраните докази постои основано сомнение дека осомничените сториле кривично дело „трговија со дете“ предвидено и казниво по член 418-г од Кривичниот законик.

„Првоосомничениот, дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите осомничени и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Instagram остварил комуникација со четиринаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првоосомничениот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Advertisements

На овој начин, првоосомничениот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други непознати машки лица, кои прво конзумирале наркотична дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе.

„Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, на предлог на јавниот обвинител судијата на претходна постапка со решение определи мерка притвор за четворица осомничени и мерка куќен притвор за еден од осомничените.
За ова кривично дело предвидена е казна затвор од најмалку осум години“, се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.