(ВИДЕО) Пендаровски: Единствено мојата држава и Украина се соочуваат со идентитетски напади во поновата историја

За мојата држава изминатиот период беше исполнет со големи предизвици и непринципиелни напади врз идентитетските параметри со кои можеби, на вербално ниво, само уште Украина се има соочено во поновата историја на Европа, рече претседателот Стево Пендаровски на традиционалниот годишен прием за претставниците на дипломатскиот кор.

„И во такви услови покажавме зрелост и визија, носејќи одлуки за кои знаевме дека ќе бидеме критикувани од дел од јавноста, кои можат да ја намалат нашата популарност и кои, од некои дури можат да бидат протолкувани како наша попустливост, па дури и слабост. Без лажна скромност, досега сме единствени во регионот кои покажавме капацитет за компромис за тешки прашања и дека кога велиме дека веруваме во вредностите на демократијата, тоа за нас не е само реторика, а најмалку слабост. Преку тие компромиси, станавме членка на НАТО и ја отворивме првата фаза од преговорите со ЕУ“, рече претседателот Пендаровски.

Advertisements

По три години членство во НАТО, претседателот Пендаровски изразува верување дека повеќе никој не се сомнева дека Северна Македонија може да биде значаен партнер и да придонесува за мирот во регионални и во европски рамки.

„Истовремено, оваа година очекуваме да ја финишираме скрининг фазата од преговарачкиот процес со Унијата и да преминеме кон отворање на кластерите. Уставните промени би требало да бидат наскоро на домашната агенда и во овој контекст, потребна ни е атмосфера во која сите про-европски сили ќе може да се обединат и да ги испорачаат тие промени. Тој процес нема да биде лесен, а секоја натамошна провокација или атак врз нашиот идентитет, само дополнително ќе го усложнува. Со други зборови, потребен е стабилен амбиент и предвидливост на европскиот пат“, порача претседателот Пендаровски пред претставниците на дипломатскиот кор.

Тој потсети дека не смееме да се заборави дека европските интеграции за државата не значат само добрососедски односи, туку и економски прогрес, сериозни реформи и реална, а не реторичка борба против високата корупција.

„Ррегионот во кој живееме е особено погоден од случувањата во Украина, без разлика дали станува збор за економско-социјалните последици или пак за изложеноста на хибридните закани и кампањите на лажни вести. Минатата година, отворањето на преговорите на Северна Македонија и Албанија, кандидатскиот статус на БиХ, одлуката за укинување на визите за Косово и серијата економски мерки за поддршка на националните стопанства, делумно го повратија кредибилитетот на Европската Унија во регионот. Ваквите политики ќе имаат стабилизирачки ефект на подолг рок само ако бидат базирани врз долгорочна стратегија за целосна интеграција на регионот во Унијата, и ако не се само одговор на војната во Украина. Просперитетен регион фокусиран на соработка, а, не врз конфронтации е возможен само ако Европската Унија е наш заеднички именител“, рече претседателот Пендаровски.