Полицијата врши претреси во селото Гајре по убиството на 39 годишен маж во Тетово

МВР информира дека продолжува истрагата за убиството во Тетово кое се случи во петокот, а во кое животот го загуби едно лице.

„Во врска со настанот во кој на 05.07.2024 во Тетово, едно лице кое било со возило „мерцедес“ пукало кон возило „бмв“ во кое било лицето со иницијали Р.Т.(39), кое од добиените повреди починало, ве известуваме дека од страна на МВР – Биро за јавна безбедност се преземени дополнителни мерки за пронаоѓање на лицето за кое постојат основи на сомневање дека е потенцијалниот сторител.

По издадени наредби од страна на Основен суд Тетово извршени се претреси на три локации во село Гајре, од каде се одземени предмети кои може да бидат корисни за расчистување на настанот, а во Полициска станица Тетово едно лице е задржано на информативен разговор. Целокупните дејствија се преземаат во координација со надлежното Јавно обвинителство, а во целиот случај од првиот момент се вклучени и полициски службеници од Одделот за крим полиција при БЈБ“, велат од МВР.

Advertisements

Како што објави ТВ 21 наводно станува збор за продолжение на стара пресметка меѓу две семејства и е поврзано со пукањето во тетовската болница пред неколку месеци.