Oбвинетите Васев и Нухи остануваат во притвор – понудија гаранција од над 350.000 евра

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд – Скопје денеска го одби предлогот на одбраната за укинување на притворот на обвинетите Нино Васев и Нехад Нухи во предметот „Онкологија 2“ иако беа понудени имотни гаранции во вредност од над 350.000 евра.

Судот оцени дека не се промениле околностите за применување поблаги мерки, а истовремено појасни дека нема надлежност да одлучува за гаранција во оваа фаза од постапката. На истото рочиште беше сослушан и претставник од Државниот завод за ревизија, кој детално ја образложи ревизијата на Клиниката за радиотерапија и онкологија за 2021 година посочувајќи слабости, неправилности и неусогласености со законските прописи и одговараше на серија прашања од Обвинителството, одбраната и самите обвинети.

Во образложението за одбиениот предлог за укинување на мерката притвор судијката Славица Наумова-Јосифовска на денешното рочиште наведе дека не се измениле околностите во постапката за да може да се применат поблаги мерки.

– Не се прифаќа предлогот на одбраната во оваа фаза од постапката да биде укината мерката притвор и заменета со куќен притвор со оглед дека нема променети околности што укажуваат дека истата цел поради која била определена мерката притвор може да се постигне и со поблага мерка, односно смета дека сѐ уште опстојуваат причините поради кои мерката притвор е определена, а потоа продолжена само во согласност со член 165, став 1 точка 1 од ЗКП во однос на двајцата обвинети дотолку повеќе што кривичниот совет на судот на секои 30 дена ја испитува потребата од негово продолжување – рече судијката.

Во однос на понудената имотна гаранција, судот појасни дека нема надлежност да одлучува за гаранција во оваа фаза од процесот.

– Во согласност со одредбата од член 154 од ЗКП, надлежноста за носење решение на гаранција по потврдување на обвинителниот акт е на советот од член 25 став 5 од ЗКП, па оттука судечкиот совет нема овластување во согласност со ЗКП за носење решение за гаранција во текот на постапката, меѓутоа странките не го губат правото ваков предлог повторно да изнесат пред судечкиот совет – дополни таа.

ЈО претходно се произнесе негативно на ова барање.

На денешното судење сведочеше претставник од Државниот завод за ревизија,  кој на прашања од Обвинителството детаљно објасни како и зошто била извршена ревизијата на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) за 2021 година и посочи на слабости и неусогласености со законските прописи.

Тој одговараше и на вкрстените прашања од одбраната и на прашањата на обвинетите Нино Васев и Нехат Нухи, кои се однесуваа на улогите, надлежностите и практиките во работењето на клиниката.

На прашањето од одбраната дали му е познато дека за лековите што се набавувале на реверс постоело барање за предвремена испорака, сведокот изјави „Не сме зазеле став во делот на комуникацијата помеѓу Клиниката и економските оператори во делот на овие барања за предвремена испорака“.

Во однос на тоа дека во текот на 2021 година докторите одлучувале кои пациенти ќе примаат биолошка терапија, за што одобрение давал медицинскиот директор, прашан дали му е познато дека д-р Васев и Нухи ја наследиле праксата што важела долг временски период претходно, сведокот одговори дека го анализирале само периодот кога тие биле на функција.

Одговори позитивно на прашањата дали ги познава организациската структура на Клиниката и овластувањата на Управниот одбор.

Прашан дали му е познато дека Управниот одбор ги донесувал завршната сметка и другите финансиски извештаи, одговори дека „завршната сметка е доставена и потпишана од страна на директорите на Клиниката“.

– Од она што нам ни е познато во 2021 година, Управниот одбор на Клиниката ги усвојува финансиските извештаи за работењето на Клиниката, кои на УО му се доставени од страна на директорите на Клиниката. Завршната сметка на Клиниката до Државниот завод за ревизија како законска обврска е доставена и потпишана од страна на директорите на Клиниката – рече сведокот.

За јавните набавки рече дека ДЗР го ревидирал „целокупниот процес“ и дека „немаме забелешки за годишниот план за јавни набавки, не сме напишале наод и не сме дале препорака“.

Кога му беше посочено дека ДЗР во извештајот не навел конкретен закон што ја забранува набавката на лекови на реверс, тој објасни:

„Во согласност со Законот за јавните набавки, без да биде спроведена постапка, забранета е набавка на какви било стоки, работи или услуги“, дополнувајќи дека ДЗР се повикува на „член 5, начелото на конкуренција“.

Кога беше прашан дали му е познато дека практиката да се набавуваат лекови на овој начин била одамна воспоставена и дека ДЗР веќе има препорака во однос на ова, сведокот рече:

„Таа препорака и во моментот на вршењето на ревизијата не беше спроведена“.