Новинарскиот тим од ИРЛ во истражување „Најскапиот инфлуенсер Ковачевски“ пишува дека премиерот Димитар Ковачевски потрошил 26.000 евра на спонзорирани објави на Фејсбук само во последните 100 дена.
Истражувањето на ИРЛ, објавено денеска, вели дека Ковачевски е апсолутен рекордер од сите политичари според бројот на објави на социјалните мрежи.
Споредбената анализа покажува дека поранешниот премиер Зоран Заев имал вкупно 2.863 објави на неговата официјална страница од 2016 година до денеска. Ковачевски само за една година, од јануари лани до февруари годинава имал 782 објави – 680 фотографии и 102 видеа за Фејсбук, Твитер и Инстаграм, се вели во истражувањето на ИРЛ.
На овие постови, според јавно достапните податоци на „Мета“ (компанијата-мајка на Фејсбук) како спонзори се јавуваат СДСМ, Владата и други средства за кои не постојат податоци за крајните уплаќачи. СДСМ потврди дека тие плаќаат за спонзорства на страницата на Ковачевски, но Владата негира.
Премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција на новинарско прашање одговори дека за промоција на социјалните мрежи не трошел буџетски пари.
„Буџетските средства за ова не се користени, туку со оглед на тоа дека се работи за спроведување на социјалдемократски политики, тоа се прави во рамките на мојот тим којшто е надвор од Владата, а вработените во Секторот за комуникации коишто работат на подготовка или на изработка на видеа немаат ниту еден час прекувремено“, вели Ковачевски.