Претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид

Тројца напаѓачи вчера вечер во угостителски објект го претепале секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, објави бугарскиот европратеник Андреј Ковачев во изјава за „Бугарија он ер“.

„Тројца напаѓачи почнале да го удираат секретарот на бугарскиот културен клуб, го навредувале и му се заканувале дека ќе го убијат бидејќи е Бугарин и работи во центарот за култура. Веднаш ги известив бугарското и македонското МНР. Контактирав со министерот за надворешни работи Бујар Османи и го повикав веднаш да се позанимава со случајот, а по половина час ми напиша дека сите тројца напаѓачи се идентификувани“, вели Ковачев.

Според него, состојбата на секретарот не е добра.

Advertisements

„Мислам дека неговите физички повреди се сериозни, но и психички“, истакна тој.

Бугарската агенција БГНЕС објави фотографија од секретарот и обелодени дека станува збор за 23-годишен Бугарин од Охрид.

Христијан Пендиков има многу скршени пршлени, ребра и скршена вилица“, се вели во објавата на БГНЕС, од каде го посочуваат и извршителот на нападот, кој бил придружуван и од други две лица.

Изутринава МВР го потврдија случајот, од каде информираат дека инцидентот започнал во угостителски објект во Охрид, а потоа потоа и надвор. Секретарот на клубот бил пренесен во охридската болница каде што му констатирале тешки телесни повреди.

„На 19.01.2023 околу 22:30 часот во Охрид е пријавен физички напад врз Х.П. (21) од Охрид од страна на С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид, по што на Х.П. му била укажана лекарска помош во Општа болница Охрид. Според пријавеното од Х.П., во угостителски објект лоциран на кеј ’Македонија‘ во Охрид, а потоа и надвор од објектот, физички бил нападнат од С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид и притоа се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Општата болница во Охрид“, велат од МВР.