Вицепремиерско место, министерски места во правда и здравство, заменик-министри во земјоделство и одбрана, се ресорите кои Алијанса за Албанците(АА) ги добива за нејзин влез во Владата, објави ТВ 21.
Партијата на Арбен Таравари добива и „моќни“ директорски позиции. Кадровски решенија АА ќе треба да даде за пополнување на директорските места во Царинска управа, Управата за јавни приходи и Финансиската полиција.
Таравари за ТВ 21 вели дека договорот за влез на АА во Владата се очекува да биде финализиран утре, по што ќе биде претставен пред граѓаните.
ТВ 21 објавува и дека Алтернатива сѐ уште нема одлучено дали ќе остане или, пак, ќе се повлече од мнозинството, поради, како што велат, непочитување на договорот. И партијата на Гаши го чека конечниот договор меѓу Таравари и Ковачевски, за потоа да донесат одлука.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска рече дека разговорите меѓу АА и СДСМ се одвиваат во добар дух и во атмосфера насочена кон постигнување договор, притоа нагласувајќи дека целта на влегувањето на АА во Владата е да се формира мнозинство кое има јасен став околу европската иднина на земјава.