Граѓаните сега разбираат дека правосудниот систем е целосно во служба на власта и против нивните интереси и интересите на државата, оценува во одговор на новинарско прашање в.д. претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, по прес-конференцијата на партијата во пресрет на Меѓународниот ден на борбата против корупцијата – 9 декември.
„Значи, корумпираните се познати со име и презиме. За да се искорени корупцијата потребно е еднаш засекогаш да се запре и отповика партизираноста и систематското заробување на судството од политиката. Граѓаните сега разбираат дека правосудниот систем е целосно во служба на власта и против интересите на државата и граѓаните. Затоа, само осум проценти од нив веруваат во правдата на државата. Со право, бидејќи сите веќе со години видоа како правдата стана селективна, а неправдата владее, како што се докажа и деновиве со последователните откажувања на рочиштата за трагедијата во болница во Тетово или намалувањето на казните на Мијалков“, рече Таравари.
Информацијата за пристигнувањето во Скопје на тимот на САД за санкции, за да се поведе истрага на корумпираните политичари, според Таравари, е дочекана со голема надеж од сите граѓани на земјава.
„Ова е задача на самата држава, меѓутоа сите закони што ги носиме стојат на хартија, практично не се спроведуваат. Се надевам дека оваа американска екипа ќе ги катализира процесите на антикорупација и функционирање на правна држава. Она што го слушам директно од американската амбасадорка, не е оваа акција само за сегашните функционери туку и за поранешните, така мислам дека треба да се делува и да се преземат конкретни чекори“, рече Таравари и притоа појаснувајќи дека има повеќе процеси за кои сите ние знаеме, но не говориме, изразувајќи надеж дека тие ќе излезат на површина и македонското судство ќе земе одредени чекори да се ефектуираат одредени предмети.
.