Термоелектраната Осломеј од синоќа е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што довело до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел, појаснуваат од АД ЕСМ за пожарот кој вчера доцна вечерта избувна во електраната.
„Настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за постапување“ соопштуваат од АД ЕСМ.
Од државната компанија најавуваат дека веднаш ќе се пристапи кон санирање на настанатата штета, со цел термоелектраната повторно да почне со производство на електрична енергија.
„Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј.
Застојот нема да предизвика недостаток на електрична енергија во системот, односно конзумот ќе биде задоволен преку другите производни капацитети“, се вели во информацијата на ЕСМ.