Трајанов: Народот не може да создаде толку колку што власта може да украде

„Криминалот ги разорува институциите и го кочи демократскиот развој на државата. Криминалот стана вредносна категорија, а не зло со кое мораме да се справиме. Криминалот е навлезен во сите пори на општественото живеење. Народот не може да создаде толку колку што власта може да растури и украде“, рече пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов на денешната трибина „Системски реформи – борба против организираниот криминал” која се одржа во хотелот „Бест Вестерн”.

Трајанов предлага донесување на закон за формирање на Агенција за борба против тешките облици на криминал и висока корупција, која ќе открива тешки кривични дела од организиран криминал, ќе го открива криминално стекнатиот имот на политичарите, а ќе предлага конфискација на имот и забрана за политичко дејствување.

„Заеднички се оценките дека Македонија и натаму се криминализира, дека отсуствува политичка волја за ефикасна борба против криминалот, дека не функционира имунолошкиот систем во државата, а последица е целосна ерозија на институциите на државата. Криминалот полека но сигурно ни ја јаде државата, поради тоа што никогаш досега не постоела вистинска определба кај власта за ефикасна борба против организираниот криминал и високата корупција. Најопасен е институционалниот криминал поради кој ниту една реформа не може да се постави на системски основи. Проектот ДЕКРИ го подготвивме во 2005 година, но сите влади досега одбиваа да го имплементираат. Законот за Агенција за борба против тешките облици на организиран криминал и високата корупција е само еден дел од проектот ДЕКРИ, со кој се објавува фронтална војна на институционалниот криминал и високата корупција, со единствена цел, да се пресече во корен ова зло“, рече Трајанов.

Advertisements