Голем одрон на земјиште се случи денеска на градилиште на булеварот „Теодосиј Гологанов“, во близина на Католичка црква во Скопје. Според сведочењата на граѓани, при уривањето пропаднал тротоар, а бандера паднала врз автомобил.
Очевидци тврдат дека земјиштето се срушило додека багер работел во внатрешноста на ископот. На фотографиите и видеата што се споделуваат на социјалните мрежи се гледаат оштетен коловоз, пропаднат тротоар, висечки кабли и оштетена инфраструктура околу градилиштето.
Граѓанската иницијатива „Во одбрана на Буњаковец“ објави дека свлечиштето се случило на спојот меѓу улицата „Христо Смирненски“ и булеварот „Теодосиј Гологанов“, посочувајќи дека, според нивните информации, на градилиштето се работело и на државен празник. Од иницијативата предупредуваат дека се оштетени кабли за струја и телекомуникации.
Жителите од околните згради велат дека подолг период алармирале за начинот на кој се изведуваат градежните активности и за недоволната заштита околу ископот.
ФОТО и ВИДЕО: Во одбрана на Буњаковец


