Бодибилдинг и фитнес сцената е во шок по веста за смртта на познатиот бразилски фитнес инфлуенсер Габриел Ганли, кој почина на само 22-годишна возраст.
Тажната вест брзо се прошири на социјалните мрежи, каде што неговите следбеници и пријатели се простуваат од него со емотивни пораки.
Габриел важеше за едно од најпрепознатливите млади лица во светот на фитнесот и бодибилдингот.
Популарноста ја стекна преку видеа од интензивни тренинзи, физички трансформации и хумористични содржини поврзани со животот во теретана. На Инстаграм го следеа речиси два милиони луѓе, а многумина го сметаа за идна голема ѕвезда на бразилскиот бодибилдинг.
Неговата смрт, која се случила на 23 мај, ја потврди и бразилскиот бренд за суплементи „Интеграл Медика“, еден од неговите најголеми спонзори.
„Денес тагата зборува погласно од зборовите. Со огромна болка се простуваме од нашиот Габриел, со кого споделивме незаборавни моменти и големи успеси“, стои во објавата на компанијата.
Засега не е објавена официјалната причина за смртта. На одредени бодибилдинг страници се појавија шпекулации дека можеби станува збор за хипогликемија, но таквите информации сè уште не се потврдени од семејството или блиските соработници.
Хипогликемијата претставува опасно намалување на нивото на шеќер во крвта и може да предизвика сериозни здравствени последици доколку не се реагира навремено.
Габриел Ганли е роден во Рио де Жанеиро, а со тренинзи започнал уште како тинејџер. Освен бодибилдинг, претходно тренирал и боречки спортови.
Голема популарност стекна по виралното видео во кое изведува лег-прес со неверојатни 500 килограми, што го направи познат и надвор од фитнес заедницата.



