Опозициските партии Левица и ВМРО-ДПМНЕ ја блокираа регулативата за зголемување на платите во судството и во обвинителството со дури 4.500 амандмани.
Станува збор за предложени закони кои уште пред Нова Година тогашниот министер за правда Никола Тупанчески ги поднесе до Собранието.
„Тоа што претходниот министер за правда Тупанчески го започна, сега новиот министер за правда во Владата го продолжува. Очигледно, ова е награда од Владата за мизерните три отсто доверба на граѓаните во судството. Ја прашуваме Владата, дали ова зголемување на платите на судиите и јавните обвинители ќе значи подобро судство, подобро обвинителство, намалување на бирократските процедури и побрзо решавање на судските спорови на граѓаните? Секако дека не. Место власта да ги засука ракавите и конечно да почне со реални и конкретни реформи во судството, мисли дека со вакви ад хок решенија ќе ги поправи своите недостатоци“, рече пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ.
Инфлацијата во државата е на алармантно ниво, стопанствениците не можат да излезат на крај со редовна иплата на платите кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, не е време Владата да ги зголемува платите на судиите и обвинителите. Настрана што судиите се последната категорија на која треба да ѝ се покачи плата, од оправдани причини.
„Стоиме на ставот дека сè додека не се воведат суштински реформи во правосудството, кое ќе ги опфати проблемите кои се наталожени (на пример: трајниот мандат на судиите, нивната неоговорност за штета нанесена на странките, контоверзниот начин на избор во Академијата за судии и јавни обвинители, системот на кариерен развој во повисоки судови и сл.) – нема да дозволиме зголемување на бенефициите на оваа лесно расиплива сорта на луѓе, кои се приврзоци на секој неправеден систем“, велат од партијата на Апасиев.
Четирите закони поврзани со платите во правосудството треба да се донесат со 2/3 мнозинство. Судиите и обвинителите во Макледонија согласно коефицинетите и надоместоците сега земаат од 56.000 до 100.000 денари плата. Со измените нивните плати треба да се покачат од 10 до 17 илјади денари.