Зарко Милошевски e новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) кој беше назначен на денешната седница на Владата.
Милошевски претходно беше помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО регистарот во Агенцијата за национална безбедност.
Владата информира дека станува збор за кадар кој има повеќегодишно искуство во раководење, организирање и координирање на Одделот, но и во организирање и раководење со ресурсите на организационата единица за заштита на уставното уредување и спротивставување на тероризмот.
„Милошевски е посветен, доверлив и долгогодишен професионалец кој својата кариера во безбедносните служби ја започнува во 1997 година во тогашната Управа за безбедност и контраразузнавање при МВР, а неговата експертиза оттогаш до денес, кога е во Агенцијата за национална безбедност е во полето на спротивставувањето на насилен екстремизам, заштитата на уставното уредување како и во полето на спротивставувањето со тероризмот“, наведува Владата по денешната седница.
Милошевски, вели Владата, своето професионално доусовршување го спроведува од 1999 година до денес преку учество на повеќе домашни обуки организирани и имплементирани од страна на Единицата за специјални задачи при МВР и Бирото за јавна безбедност при МВР, како и на повеќе обуки во странство организирани и имплементирани од страна на Стејт департментот на САД, Министерството за правда на САД, Министерството за одбрана на САД, Федералното биро за истраги на САД, Дипломатската безбедносна служба на САД, како и Канадската безбедносна и разузнавачка служба.
Според ВМРО-ДПМНЕ новиот директор нема да донесе промени.
„Продолжува партизацијата, неспособноста и аматеризмот во АНБ. Изборот на Зарко Милошевски за директор на АНБ значи дека ништо не се менува, туку како што кажува и Али Ахмети, ќе биде „како и досега”. Милошевски не е нов човек. Тој му бил помошник и е кадар на Виктор Димовски и Миле Зечевиќ, а со тоа и на српската врска. Досега ја извршувал функцијата помошник директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО во АНБ, а на таа позиција е поставен со потпис на досегашниот контроверзен директор – Виктор Димовски, вели Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Зарко Милошевски, според Ковачки како помошник директор за безбедносни проверки директно учествувал во случајот Онишченко.
„Тој е една од причините поради која Онишченко добива македонско државјанство, но очигледно дека тоа не значи ништо за тие што го поставиле. Милошевски е помошник директор во АНБ и кога над 200 криминалци од регионот и светот добиваат македонски патни исправи“, реагира Ковачки.
Досегашниот директор Виктор Димовски е кандидат за амбасадор во Франција, но неговото назначување зависи од тоа какво мислење ќе даде собраниската Комисија за надворешни работи која треба да одржи седница откако Комисијата за надзор на АНБ ќе даде став за случајот со државјанството на Онишченко, Украинец кој е на црната листа на САД.