Ниту јас, ниту кој било нема да има право да договара работи со кои се кршат законите и се заобиколува одговорност. Животот го ризикував за да го обелоденам незаконското прислушување, вели поранешниот премиер Зоран Заев во изјава за „Фокус“, откако во јавноста се појавија шпекулации дека укинувањето на првостепената пресуда за „Таргет и Тврдина“ е дел од политичкиот пакет што наводно му бил ветен на Сашо Мијалков, за неговото наводно „залагање“ осумтемина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат за уставните измени и промена на името.
– Животот на моите деца, семејството и пријателите беше под прашање, но и покрај тоа во име на заштита на човековите права, во име на вистината, демократијата и слободата во Македонија, и за никогаш да не се повтори, јавно беа, лично од мене, споделени доказите за незаконското прислушување на повеќе од 20.000 граѓани. Повеќе од милион разговори предадов на СЈО – вели Заев.
Во врска со шпекулациите дека Заев имал договор со Мијалков, поранешниот премиер за „Фокус“ вели:
„ Тоа може да го зборуваат само луѓе што се занимаваат со шпекулации и лаги. Секогаш сум бил транспарентен за сѐ додека бев во политиката. Пратениците гласаа по сопствено убедување и нивните изјави беа насекаде низ медиумите – изјави Заев.