Пензионерите во шок од новите давачки

Партијата на пензионери остро реагира на најавеното поскапување на банкарските услуги, оценувајќи дека новите провизии ќе претставуваат сериозен товар за пензионерите и граѓаните со пониски приходи.

Од партијата велат дека се непријатно изненадени од одлуката на две од најголемите банки во државата да ги зголемат цените на услугите, особено во време кога во дел од земјите во регионот провизиите се намалуваат или воопшто не се наплатуваат за ранливите категории граѓани.

Според нивните пресметки, еден пензионер кој основните сметки ги плаќа на шалтер годишно ќе им плаќа на банките околу 100 евра, што претставува значителен удар врз буџетот на лицата со ниски пензии. Дополнително, четиричлено семејство, доколку сите членови се полнолетни, само за водење трансакциски сметки и користење електронско банкарство ќе треба да издвојува меѓу 200 и 250 евра годишно.

Новиот бран поскапувања на банкарските услуги ќе стапи во сила од август и ќе донесе дополнителни трошоци за граѓаните. Иако дел од зголемувањата на прв поглед изгледаат симболично, од пет до дваесет денари по услуга, кога ќе се пресметаат на месечно и годишно ниво, сумите стануваат значително повисоки.

Најголемиот процентуален раст е забележан кај плаќањето режиски сметки во готово на шалтер. Провизијата се зголемува од 90 на 120 денари по трансакција, што претставува раст од повеќе од 33 проценти. Ова најдиректно ги погодува пензионерите и повозрасните граѓани кои и понатаму најчесто ги користат шалтерите за плаќање сметки.

Доколку еден пензионер месечно плаќа четири режиски сметки – за струја, вода, телефон и интернет – само за овие услуги ќе издвојува околу 480 денари месечно, односно речиси 6.000 денари годишно само за провизии.

Advertisements

Дополнително ќе бидат погодени и граѓаните кои планираат да земат станбен кредит. Според пресметките, поради повисоките провизии и надоместоци, почетните трошоци може да надминат 90.000 денари уште пред добивањето на клучевите од новиот дом.

Партијата на пензионери апелира до гувернерот на Народната банка да преземе мерки во рамките на своите надлежности за да се спречи ваквото поскапување. Воедно најавува дека внимателно ќе ги следи цените на банкарските услуги и ќе ги охрабрува пензионерите своите сметки да ги отвораат или префрлаат во банки кои нудат најниски провизии.

„Пензионерите се во шок од најавените зголемувања. Во некои земји од регионот ваквите трошоци се намалуваат, а во Хрватска за основните банкарски услуги пензионерите и другите ранливи категории не плаќаат провизии“, порачуваат од Партијата на пензионери.